Откако се потрошија фабриките што нижеа загуби и "златните кокошки" како Телекомот, ЕСМ и други, странските инвеститори навалија на зелените ливади. Таканаречените гринфилд инвестиции, со кои странските вложувачи почнуваат бизнис со поставување темели, вработување нови работници, воведување модерни технолошки линии и производи, за кои копнеевме во сите транзициони години, сега во државата влегуваат на голема врата. Ако до неодамна странските директни инвеститори преземаа стари погони што резултираше со отпуштање, а не вработување работници, сега за нив се атрактивни празните парцели во технолошките индустриски зони во кои почнуваат буквално од нула, вклучувајќи ги и вработувањата.
Откако се потрошија фабриките што нижеа загуби и "златните кокошки" како Телекомот, ЕСМ и други, странските инвеститори навалија на зелените ливади.
Таканаречените гринфилд инвестиции, со кои странските вложувачи почнуваат бизнис со поставување темели, вработување нови работници, воведување модерни технолошки линии и производи, за кои копнеевме во сите транзициони години, сега во државата влегуваат на голема врата.
Ако до неодамна странските директни инвеститори преземаа стари погони што резултираше со отпуштање, а не вработување работници, сега за нив се атрактивни празните парцели во технолошките индустриски зони во кои почнуваат буквално од нула, вклучувајќи ги и вработувањата. Во двете активни фабрики во слободната економска зона "Бунарџик", "Џонсон контролс" и "Џонсон Мети" егзистенцијата веќе си ја обезбедуваат неколку стотини работници, а по стотина треба да најдат работа и во неколкуте други фабрики што се очекува да проработат, откако лани им беа поставени темелите. За оваа година прогнозите се дека најмалку уште илјада работници ќе влезат во погоните на фабрики кои најавија дека се подготвени да ги градат странски компании.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо неодамна излезе со оптимистички очекувања дека во сите технолошко индустриски зони, а во план е да ги има 11, ќе се стартува со повеќе од еден производител. Но, вистински бум во вработувањата треба да се случи ако се реализира најавата на германска компанија за електрични инсталации и кабли за автомобили дека ќе отвори погон во Македонија. Според соопштение што неделава го даде Владата, таа компанија, која донела одлука за инвестирање во Македонија годинава планира да вработи 300 до 400 лица. Министерот за странски инвестиции Веле Самак, преку еден медиум претходно најави дека во наредните три години оваа фирма планира да оствари импозантна бројка од дури 4.000 вработувања. Исто така, од понов датум е и најавата дека белгиската фирма "Ван Хоол" од Македонија ќе произведува автобуси за странски пазар. Првичната најава е дека ќе се отворат 300 до 400 работни места.
Освен во веќе апсолвираните најави на Владата дека 10 странски компании решиле да инвестираат во Македонија, а уште толку планираат да го направат истото, надеж се гледа и во веста на албанскиот портал Албеу, според која американски компании сакаат на Балканот да инвестираат петнаесет милијарди долари. Според порталот, тие се заинтересирани за Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, а сакаат да вложат во железници, енергетика, пристаништа, банки и туристички комплекси.
Странските инвестиции, посебно гринфилд, се најголемата надеж за економијата во државата на која и е неопходно преструктурирање, но и за намалување на невработеноста, која ја мачи третина од активната популација. Се покажа дека домашните фирми немаат моќ да го апсорбираат бројот и профилот на невработени кој им стои на располагање, а сега, поради кризата, бројот на вработени го сведуваат на минимум. Податоците од Агенцијата за вработување покажуваат дека во државата позастапена е флуктуацијата на веќе вработените, отколку работното ангажирање на регистрираните невработени. Од вкупно 225.347 пријави за засновање работен однос регистрирани лани во декември, само 52.198 работници биле земени од списокот на невработени.
Според програмата на ВМРО-ДПМНЕ објавена пред парламентарните избори, до крајот на мандатот, 2015 година, во земјата треба да влезат две милијарди евра странски инвестиции. Тоа подразбира и голем број нови вработувања, па додека тие станат реалност, наше е на странските инвеститори да им обезбедиме работна сила со квалификации какви што им се потребни.